твитерYouTubeRSS

среда, 27 октомври 2010 г.

Закон за високото образование


Сл. Весник на Р. Македонија бр.35 од 14.03.2008 година


Член 150

Студентот има право на:

- квалитетни студии и образовен процес како што е предвидено со студиските програми,
- слободно искажување на мислење и ставови во текот на наставата и другите активности на високообразовната установа,
- право на изјаснување за квалитетот (оценување) на наставата и наставниците,
- редовно студирање и статус на редовен студент и право на вонредно студирање и статус на вонреден студент,
- редовно да напредува, да се образува и да го заврши студирањето под услови кои важеле при уписот,
- запишување и образование под еднакви услови утврдени со закон, статут и студиска програма,
- учество во управувањето со високообразовната установа согласно со овој закон и статутот на високообразовната установа,
- заштита на своите права и должности пред органите на високообразовната установа и
- заштита на личноста на студентот од злоупотреба и на неговото достоинство.


Студентот има право и да:

- може да напредува и да ги заврши студиите за пократко време отколку што е предвидено со студиската програма,
- студира истовремено на повеќе студиски програми од различни специјалности и да изучува дополнителни курсеви,
- ги продолжи студиите на друга високообразовна установа ако високообразовната установа на која е запишан престане со работа,
- ги користи библиотеката и базите на податоци, просторот, опремата (учебните помагала), софтверот и друга научна и стручна инфраструктура на универзитетот и неговите единици, односно на самостојната високообразовна установа,
- учествува во научно-истражувачката и стручната дејност при што му се гарантираат авторски, пронаоѓачки и слични права и награди,
- избира и да биде избиран како претставник на студентите во органите на високообразовните установи,
- користи услуги на студентскиот стандард (сместување, исхрана, здравствена заштита и друго), градски и  меѓуградски превоз според условите утврдени со закон од вршителите на соодветните дејности,
- ги користи универзитетските објекти за спортска и културна дејност,
- преминува од една на друга високообразовна установа, односно од едни на други студии и при тоа да ги користи погодностите на кредит системот,
- учествува на работата на студентските организации,
- учествува во формите на организирање на студентските организации утврдени со статутот на универзитетот,
- ги продолжи студиите што ги прекинал под услови определени со статутот на високообразовната установа,
- користи распуст не помалку од 60 дена во рамките на една календарска година,
- добива државни или други стипендии или да користи финансиски кредит за издршка за време на школувањето,
- остварува соработка со студентите во земјата и во странство и
- остварува и други права согласно со закон и со статутот на високообразовната установа.


Студентот има обврска да: 

- ги исполнува задачите пропишани во студиските програми,
- ги почитува одредбите од овој закон, статутот на високообразовната установа и другите правни акти на внатрешното уредување,
- ги применува решенијата на органот на управување, ректорот, односно директорот на самостојната високообразовна установа и
- да дејствува во согласност со студентскиот етички кодекс кој го подготвува и одобрува високообразовната установа во согласност со студентското претставување.
Студентите на сите степени на високо образование кои се без родители, слепи, глуви, инвалиди од прва и втора група, мајки со деца до шест годишна возраст и хоспитализираните имаат право на посебни погодности утврдени со статутот на високообразовната установа.
Правата од ставовите 1 и 2 и обврските од ставот 3 на овој член, студентот на високообразовната установа ги остварува во обем и според условите утврдени со закон и статутот на високообразовната установа. Заради заштита на правата на студентите на секој универзитет се формира студентски правобранител. Надлежноста, изборот и работата на студентскиот правобранител се утврдува со статутот на универзитетот.


Нема коментари:

Објави коментар