Младите се иднината и двигател на едно општество. Оваа реченица многу често ја слушаме и ни била пренесена од нашите родители, професори, политичари....навидум од сите кои мислат добро на една држава и нејзината иднина.
Држава која обезбедува на младите услови за квалитетно образование, работа, напредок, перспектива, е одлика на држава која цврство стои и размислува за нејзиниот иден развој.
Нема поголем „партиотизам“ од овозможувањето на услови и грижа за младиот човек да придонесува во сопствената држава.
Денес ако погледнеме околу нас не сум сигурен дека токму во Македонија ова ни се случува.
Ако го земеме во предвид последниот извештај на Заводот за статистика каде беа прикажани поразителни бројки за невработеноста на младиот човек во Македонија од над 50%, и направиме паралела со било која соседна држава ќе видиме дека далеку заостануваме.
Ако се соочиме со фактот дека 25-30% од студентите кои заминуваат на Work & travel патувања не се враќаат повеќе во државата, и по ризик на незаконско емигрирање остануваат во државите каде заминале.
Огромен број од младите високо образовани кадри кои заминуваат на образување во странство остануваат во тие држави, бидејќи непотизмот и корупцијата во матичната држава не им дава можност да дојдат до израз и да го пренесат знаењето и искуството.
Ако го земеме во предвид огромниот број на барања за вадење и извадени странски пасоши во последниот период од страна на жители на Македонија за колку толку подобар живот, дури и по цена на откажување од сопствениот идентитет, тогаш сето ова изгледа многу поразително.
За некои ваквата состојба во која се наоѓа државата е одлична прилика да ги искористат своите пет минути на минат партиски активизам и преку ноќ да се збогатат на сметка на сите нас. Ваквото безредие им одговара на оние кои не се навикнати да опстанат во систем кој функционира.
Денес сите морални вредности се изгубени во нашето општество.
Токму луѓето на кои им одговара ваквата состојба во која се наоѓа Македонија им пречи интегрирањето на државата во систем и заедници во кои постои ред и контрола.
Истите тие луѓе не убедуваат ако треба и корења да јадеме, за да го оттргнат вниманието од немањето решенија и државна стратегија за излез од ваквата состојба и превземањето на соодветни политички одлуки.
Знам дека многумина го споделувате истото што и јас погоре го напишав, знам дека ќе има и такви на кои не им одговара напишаново и ќе се потрудат како оружје да го искористат етикетирањето кое вообичаено го користат против оние кои размислуваат спротивно од нив, но реалноста е таа!
Се плашам како млад човек ако работите продолжат и понатаму во овој правец и темпо, колку ли е само блиску денот кога ќе нема ни тие корења кој да ги јаде!
Свесно или не сето ова доведува до тивко уништување на нашето национално ткиво!
Нема коментари:
Објави коментар